СДСМ со законски измени ќе им помага на земјоделците, ВМРО-ДПМНЕ ги обвинуваат СДСМ за неисплатени субвенции
Поради кризата со откупот и ниските откупни цени, СДСМ денеска поднесе предлог закон за итна финансиска помош на земјоделците. Во него ќе бидат опфатени лозарите, производителите на пченица, ориз, пиперка ајварка, сточарите.
Лидерот на СДСМ, Филипче оцени дека власта целосно го занемарила овој сектор и ги повика да го изгласаат предлог законот, истакнувајќи дека не станува збор за меѓупартиска пресметка, туку за егзистенција на илјадници семејства кои без оваа поддршка нема да можат да го организираат производството за следната година.
Лицемерно е СДСМ да се јавуваат како спасители на земјоделието, кога токму тие во државната каса оставија неисплатени субвенции кон сите земјоделци. Пратеникот Петар Ристовски порача дека ВМРО-ДПМНЕ мораше да ги санира грешките на претходниците и да ги исплати заборавените субвенции. Според него, власта е постојано на терен ефективно ги надминува сите предизвици во земјоделието.
Човек произведува за да живее од својот труд, но во аграрната математика на ДПМНЕ земјоделецот е замислен како доброволец, саможртвеник кој треба да вложува пари, труд и ризик од чиста добрина, дури и кога работи со загуба. Со ваква политика наскоро нема да има кого да “поддржуваат”, затоа што земјоделецот е човек што мора да живее од тоа што го произведува, рагираат од Левица.
Месецов се одржаа низа протести од страна на земјоделците бидејќи откупната цена на пиперката ајварка падна на 20 денари за килограм, а тие бараа почитување на договорената цена од 30 денари за килограм мешана прва и втора класа.
Земјоделците и сточарите од пелагонискиот регион протестираа бидејќи државата им должи 70 милиони евра по различни основи и побараа итна исплата на заостанатата државна помош.
Вчера пак во Кочанско започна жетвата на оризот. Поради проблемите со плевелот, доцнењето на сеидбата и неефикасните препарати, оризопроизводителите во Кочанско очекуваат загрижувачки низок принос од само 300 до 350 килограми по декар. Жетвата повторно ја започнуваат со голема неизвесност поради високите трошоци, неисплатените субвенции и нерешеното прашање околу цената и откупот.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
