Македонија
13. August 2026 - 16:39

Се чисти депонијата кај изворот Рашче

Втор ден по ред механизација на градот Скопје и општината Сарај ја чистат дивата депонија во селото Радуша. Досега оттука се исчистени околу 100 тони отпад, а од оваа депонија се носи отпадот во депонијата Дрисла. Од градот Скопје најавуваат дека механизацијата ќе биде на терен се дури целосно не се исчисти целата депонија која што е во заштитената зона на изворот Рашче, а подоцна депонијата ќе биде заградена за да не може во иднина да се истура отпад. 

Од градот Скопје велат дека: 

- На терен се работи со еден багер, два булдужери, еден утоварач, а досега шест камиони со отпад се извадени од депонијата во Радуша и депонирани околу 100 тони отпад во депонијата Дрисла. Целиот отпад е површен, велат од градот. 

Депонијата во селото Радуша е стара околу две децении, велат локалните жители. Од секогаш нелегално се носел отпад, меѓутоа загриженоста кај граѓаните настана бидејќи на неколку километри од депонијата се наоѓа изворот Рашче од каде најголемиот дел од Скопје се снабдува со вода, па стравуваат дека отпадот преку почвата може да ги загади подземните води кои го напојуваат изворот. 

Градоначалникот на град Скопје објави дека нема потреба за загриженост, изворот е десетици километри оддалечен од депонијата и иако не е под негови ингеренции сепак со механизација започнаа да ја чистат заедно со општина Сарај. 

Од Обвинителството соопштија дека по допрен глас ќе го истражува загадувањето со отпад кај Рашче. 

- Надлежен јавен обвинител ќе ги координира активностите на Државниот инспекторат за животна средина и надлежните инспекциски служби со цел да се извршат проверки во однос на потеклото на депонијата, како и можните последици.

Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон, велат од Обвинителството.