Се градат неколку важни водоснабдителни системи во прилепските села и градот
Во тек се градежни активности за изградба на водоснабдителниот систем во прилепското село Лениште со кој би требало трајно да се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на ова населено место. Инвестицијата од 20 милиони денари е обезбедена со помош на Министерството за животна средина и просторно планирање. А во моментов се работи и на други водоводи во Прилеп.
„Се работи водоводна мрежа и реконструкција на водоводната мрежа во индустриската зона и населеното место Селце. Станува збор за проект вреден 9.779.604 денари, а во завршна фаза исто така ни е и проектот за промена на водоводната мрежа од јазол на булевар Гоце Делчев со улица Кузман Јосифоски, до јазол на улица Кузман Јосифоски со улица Ленин, фаза хидротехника со вредност 7.133.381 денар, исто така средства од Министерство за животна средина и просторно планирање“, изјави Ана Лашкоска, заменик министер за животна средина.
За општината реализацијата на овие проекти значи создавање еднакави услови за живот како во градот така и во населените места.
„Иако претежно е иселено, заради близината очекуваме дека покрај тоа што сега важи за добра викенд населба, би можело во иднина да се очекува и жители кои постојано би живееле овде и затоа се инвестира во негова доурбанизација“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„Се работи за сложен хидротехнички проект во кој се предвидени изведба на 3 прекидни комори, станица за третман на вода, изведба на станици за вентили за регулација на притисок, така да ќе биде комплетно опфатено водоснабдувањето на населеното место Лениште и ќе може да се водоснабдуваат прилично голем број на корисници“, додаде Ѓоко директор на ЈКП „Водовод и канализација“ - Прилеп.
Се очекува до крајот на есента сите овие градежни проекти на водоводните системи во прилепско да бидат завршени.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
