Балкан
7. October 2026 - 12:01

Советници на Трамп платени со стотици илјади долари за изборен ангажман во Република Српска

Додека американскиот претседател Доналд Трамп ги обиколува САД за да им помогне на републиканците во пресрет на клучните избори за Конгресот, двајца негови најблиски политички советници престојувале на Балканот, каде што биле ангажирани во Република Српска во пресрет на изборите одржани во неделата, објави „Њујорк тајмс“.

Добро упатени извори за весникот изјавиле дека Џејмс Блер и Крис ЛаЧивита, кои ги предводат изборнните активности на Трамп за конгресните избори, престојувале во Република Српска и давале совети во врска со изборниот процес.

На Блер и ЛаЧивита им биле исплатени по стотици илјади долари преку адвокатска фирма од Вашингтон, ангажирана од Владата на Република Српска за советување за прашања поврзани со изборите.

Владата на Република Српска не одговорила на прашањата на „Њујорк тајмс“ во врска со ангажманот и хонорарите.

Според „Њујорк тајмс“, ангажманот бил за Владата на Република Српска, а не за партијата на Додик. Весникот наведува дека партијата и Владата во Република Српска практично се едно исто.

Властите во Република Српска пред изборите тврдеа дека нивната победа може да биде загрозена од новите електронски уреди за броење гласови, слични на оние за кои Трамп со години тврдеше дека придонеле за неговиот пораз на изборите во 2020 година.

Партијата на Милорад Додик на крајот убедливо победи. Додик во победничкото обраќање му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин за поддршката и оцени дека победата на Трамп во 2024 година создала поволна политичка атмосфера за неговата политика.

Блер, кој беше политички директор на претседателската кампања на Трамп во 2024 година, сега раководи со „МАГА инк.“, политички комитет што собира и троши средства за поддршка на Трамп и на републикански кандидати. Според „Њујорк тајмс“, на крајот на август комитетот располагал со 415 милиони долари. ЛаЧивита, кој беше еден од раководителите на кампањата на Трамп во 2024 година, е виш советник на „МАГА инк.“.

Портпаролот на „МАГА инк.“, Алекс Фајфер, изјавил дека Блер и ЛаЧивита и за време на престојот во Босна и Херцеговина останале целосно ангажирани во активностите поврзани со конгресните избори. Тој навел дека двајцата во саботата одржале состанок со раководителите на тимовите за изборните трки за да разговараат за резултатите од неодамнешните анкети.

Според официјалните податоци доставени до американското Министерство за правда, Владата на Република Српска од почетокот на минатата година на лобисти и политички оперативци поврзани со Трамп и неговите републикански сојузници им исплатила повеќе од четири милиони долари.

„Њујорк тајмс“ наведува дека најзначајниот успех на лобистичката операција била одлуката на администрацијата на Трамп кон крајот на минатата година да ги укине санкциите против Додик, неговото семејство и неговите соработници.

 

МИА