ССМ: Или повисок минималец или генерален штрајк
Владата што поскоро да формира Комисија, која ќе ја потврди легитимноста на Синдикатот, за да може да се донесе минималната плата. Времето одминува, а договор за минималецот се уште нема. Затоа од ССМ денеска до Владата и Собранието со предлог – прво утврдување на минималната плата и овој износ да се зголеми за 6,000 денари.
Продонесите за разликата да ги плати државата во рок од 12 месеци. На овој начин сметаат дека нема да има упад во даночната политика, туку напротив, државата би собрала повеќе пари од зголеменото трошење на работниците. Во случај да не се прифати нивниот предлог од 500 евра минималец – излегуваат на улица
- Државата нема да остане без планираните приходи во Буџетот, бидејќи тие ќе се вратат преку зголемената потрошувачка и даноците. Најдоцна до 15 март треба да се состанеме и да ја утврдиме минималната плата, бидејќи сметководителите треба да ги прават пресметките, а платата да биде исплатена најдоцна до 15 април – изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Согласно законот, минималната плата ја предлага Министерството за економија по претходна согласност на Социо-економскиот совет. Но од таму велат – дека ќе ги остават синдикатите и работодавачите сами да се договорат и секое решение, во согласнот со фискалните можности на буџетот, ќе биде поддржано. Седницата, како што велат од Министерство за економија е закажана за втората половина од март.
Повисок минималец и зголемени плати бараат и од СДСМ. Неделавата ќе достават предлог до пратениците – платите да се зголемат од 3,000 до 15 илјади денари, без да се плаќаат придонесите за зголемениот дел. Со овој закон би биле опфатени 400 илјади работници чии плати не надминуваат 65 илјади денари.
- Ако просечното зголемување на платата биде 7.500 денари за 400.000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра. Односно подетално, 400.000 работници × 7.500 денари во просек × 12 месеци = 36 милијарди денари или 585 милиони евра дополнителен приход за граѓаните годишно. Иако работодавачите нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, тие сè уште ќе плаќаат данок на личен доход (10%), што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход, изјави Сања Лукаревска, СДСМ
Минималната плата се утврдува еднаш годишно, во март, согласно порастот на трошоците за живот и просечната плата. Според овие параметри, минимлацеот треба да се зголеми за 1.800 денари и истиот да изнесува 24,400 денари.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар