Струмичани утре излегуваат на протест против загадениот воздух
Струмичани утре излегуваат на протест против загадениот воздух. Под мотото „Забрането дишење“ еко активистите од Здрава котлина ќе организираат протестен марш низ струмичките улици. Велат протестот е израз на граѓанско незадоволство од моменталната состојба со амбиенталниот воздух и револт поради немањето конкретни резултати во решавањето на овој проблем, кој се провлекува веќе неколку години. Од локалната и централната власт бараат конечно да се најдат загадувачите и да бидат санкционирани.
Од Здрава Котлина најавуваат дека протестниот марш во сабота е само почеток на серијата активности кои ќе бидат реализирани со цел да се реши проблемот со квалитеот на воздухот. Кои и какви чекори ќе преземат во иднина ќе зависело од реакцијата и мерките на власите.
Поддршка на протест дава и градоначалникот Костадин Костадинов. Преку социјалните мрежи го најави неговото присуство на протестниот марш додавјаќи дека определени субјекти биле над законите и покрај континуираните инспекциски надзори и опомени.
„И покрај реализираните инспекциски надзори и опомени, своеволието на одредени субјекти продолжува! Постојано повикувам и апелирам на почитување на законите и обврските кои произлегуваат од нив, како и соодветно санкционирање од страна на Надлежните на различни нивоа. Не смееме да дозволиме граѓаните да се жртва на нечии лични интереси“, стои меѓу другото во Фејсбук објавата на струмичкиот градоначалник.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар