Три години од „Диво насеље“, загинатите полицајци постхумно одликувани со Медал за храброст

Денеска се навршуваат три година од оружената пресметка во кумановската „Дива населба“, која траеше два дена, при што животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи, додека четириесетина беа тешко повредени.
Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.
За настаните во „Дива населба“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Јавното обвинителство на Република Македонија покрена постапка за приведените во акцијата во Куманово откако МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.
Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.
Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско Дива Населба, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.
На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.
Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но беше одложена поради локалните избори на барање на МВР.
Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација.
Насер Рауфи, кој е еден од адвокатите на осудените, по изрекувањето на пресудата, рече дека ова е сценарио на тајните служби и дека не очекувал обвинетите да добијат толку високи казни. Тој смета дека станува збор за монтиран предмет и побара независна истрага.
Владата во ноември минатата година прифати да биде отворена меѓународна истрага за случајот „Дива населба“. Премиерот Зоран Заев изјави дека е информирана меѓународната заедница и оти се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановската „Дива населба“.
На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
Ново на Сител
-

Ѓорѓиевски: По 30 години чекање - за само пет месеци работа, булеварот „Борис Трајковски“ е пред завршување
-

Зеленски до лидерите во ЕУ: „Војната ќе чини 155 милијарди евра следната година, Ве молам да најдете начин да ја обезбедите таа поддршка“
-

Клековски: Треба да ги има сите лекови за онколошките пациенти, повеќекратно е зголемен буџетот на Онкологија
-

„Аушвиц, Аушвиц“ и „Стани, Адолфе“: Скандалозни скандирања на навивачите на Хајдук
-

Мартинез му се извини на раководството на Манчестер јунајтед
-

Сиљановска-Давкова: Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем
-

Кејн останува во Баерн до 2029
-

Алкараз прв пат по петгодишна пауза ќе игра во Виена
