Бизнис
19. September 2023 - 16:35

Усвоена одлуката за „гарантирани цени“- стапува на сила од утре

Над 500 артикли во 25 категории производи од утре ќе се продаваат со налепница „гарантирана цена“.

На листата се најдоа: oриз, брашно, бел и полубел леб, бисквити, наполитанки, тестенини, јунешко, свинско и мелено месо, пилешки стек, чаен колбас, посебна салама, паштета, кравји млеко, јогурт, кисело млеко, сирење и кашкавал павлака, јајца и целото овошје и зеленчук.

Нивната цена ќе биде за 10% пониска од цената на 1-ви август.

Трговците и производителите, увозниците и дистрибутерите, ќе имаат обврска да снабдуваат најмалку 70% од количините на тие производи кои ги дистрибуирале во месец август“ – Крешник Бектеши, министер за економија

Дозволени ќе бидат и акции со пониски цени од замрзнатите, но ако намалувањето се прави заради истек на рокот, тоа мора да биде истакнато.

Ако не се почитуваат мерките, државниот пазарен инспекторат ќе има надлежност да стави клуч на маркетите.

Бектеши најави и проширување на листата.

Вчера имав состаноци со производители на алкохолни и безалкохолни пијалоци и најголемите увозници. Имавме многу продуктивен состанок. Ги очекуваме нивните предлози до крајот на денешниот ден и во текот на следната недела најверојатно ќе има одлука и таму“ – Крешник Бектеши, министер за економија

Цените ќе важат до 30 ноември, а очекувањата се дека со оваа мерка инфлацијата ќе се преполови.