Утре протести поради загадениот воздух
Утре во Скопје протести поради загадениот воздух. Маршот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, продолжува кон Собранието и завршува пред Владата на Република Македонија. Од „Зелен хуман град“ предлагаат неколку итни мерки, но и повеќе среднорочни, за поефикасно справување со штетните честички во воздухот.
„Од намалување на возилата кои се увезуваат од надвор, а кои имаат ниски стандарди на емисии, до зголемување на инспекциите коишто треба да се случуваат кон индустриските објекти врз кои немаме 24 часовен мониторинг до ремедијација и справување конечно со дивите депонии кои се насекаде низ државата, а и оние кои не се диви, а сепак не се по стандарди и голем број други барања кои ги имаме поднесувано со години, нешто кое не е ново или изненадувачки, но за жал ништо од тоа не е започнато вистински да се имплементира“ – Горјан Јовановски, Зелен хуман град
Јовановски очекува голем број граѓани да дојдат на протестот, бидејќи, како што вели, никој не е привилегиран и никој не дише посебен воздух.
„Искрено ако немаме масовност кажуваме дека сме во ред пет илјади луѓе годишно да го губат животот, во ред сме безброј луѓе да имаат респираторни, срцеви, репродуктивни заболувања од аерозагадувањето и дека сме во ред едно од девет деца кои умираат да умираат од аерозагадување. Така што, ако сме во ред, тогаш не мора да излеземе. Но, ако мислиме дека не сме во ред, како што ние го зборуваме сите овие години и те како очекувам масовност, бидејќи никој не е привилегиран и никој не дише посебен воздух во оваа држава“ – Горјан Јовановски, Зелен хуман град
Македонија одамна води битка со енормно загаден воздух, особено во зимските месеци. Институтот за јавно здравје на почетокот од годинава објави извештај според кој речиси 18% од вкупната смртност во Македонија може да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Претходно УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загаден воздух.
Граѓаните можат и да ја тужат државата дека им е загрозено здравјето како човеково право, пред Управниот суд. Од Врховен рекоа дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, а непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар