Македонија
10. December 2025 - 16:34

Владата сѐ уште нема потенцијален кандидат за замена на Коцевски

Владата се уште нема потенцијални кандидати за замена на Коцевски откако вчера ја продолжи постапката за негово разрешување од функцијата државен јавен обвинител. Премиерот Мицкоски вели, на јавен повик ќе се бара најдобриот кандидат.

„Не знам, не знам. Не знам, не сме ни размислувале. Тоа ќе биде јавен повик, секој оној којшто ќе ги исполнува условите согласно закон и согласно самиот повик, може да се пријави. Така што пратениците се тие коишто одлучуваат кое е најдоброто решение, тие го бираат на крајот“, вели Мицкоски.

Коцевски смета дека нема аргументи за негово разрешување и вели дека ова политичка одлука. Потсетува на мислењето на Советот на јавни обвинители дека тој нема направено тешка дисциплинска повреда. Вели, не држат ниту аргументите за функционирањето на Државното обвинителство под негова капа, бидејќи тој бил најтранспарентниот јавен обвинител во регионот. 

„Постапката не зависи веќе од мене. Ќе нагласам уште еднаш дека навистина ова е само политичка одлука. Таа транспарентност секако се одразува и на отчетноста на јавните обвинители и целото јавно обвинителство. Од тие причини не може, ни нема ни една аргументирана причина дека сум ја нарушил функционалноста на самото јавно обвинителство. Тоа се факти, а во однос на извештајот ќе ви кажам дека со помалку јавни обвинители, од минатата година околу стотина, сега околу 70, навистина работата се врши успешно во можности на она што јавните обвинители можат да го сработат“, вели Коцевски.

Опозициската СДСМ се уште нема став дали ќе поддржи разрешување на Коцевски. Но партискиот лидер смета дека потегот на власта не води кон вистински реформи во правосудството, туку кон политички притисоци во Коцевски за власта потоа да постави партиски човек на оваа позиција.

„Не бранам никого, но не е тоа тоа што сите очекуваме да се направи. Ние имаме препораки од Оценската мисија, што треба да се направи во правосудството. Ниту една препорака не е имплементирана, нема нов закон за Јавно обвинителство, треба да има нов закон. Треба да има нов кривичен закон. Тоа се суштинските работи коишто треба да ги видиме во правосудството, не кој да биде на некоја позиција. И се поставува прашањето – кои се критериумите? Па дајте да ги донесеме европските критериуми. Дајте да ја донесеме Европската обвинителка, за некои случаи за коишто потенциравме дека е битно да биде тука. Ајде на тој начин постепено да ја враќаме довербата во правосудството“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Јавниот обвинител треба да биде целосно отпорен на политички и партиски влијанија. Претседателката на државата, за тоа каков профил на човек е потребен за оваа функција, вели дека тоа треба да биде личност која ќе биде „круна“ на целиот обвинителски систем.

„Сакам бескомпромисен борец за почитување на законите. Некој којшто ќе биде заколнат борец за владеење на правото, некој којшто ќе биде отпорен на партиски и на политички влијанија, некој којшто ќе биде круна на целиот обвинителски систем. Бидејќи, ако нема промени во обвинителството, во обвинителскиот систем, нема да има ни успешни судски реформи“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Правните експерти сметаат дека власта ќе мора многу да внимава на постапката, како на разрешување на државниот јавен обвинител, така и на изборот на новиот за да не се остави простор, повторно да му се даваат политички квалификации на лицето кое ќе раководи со Државното обвинителство.

Владата вчера донесе одлука да ја продолжи постапката за разрешување на Коцевски, која ја почна во февруари, но ја прекина по трагедијата во Кочани. Коцевски е државен јавен обвинител од лани февруари, а беше избран со 62 гласа од претходното парламентарно мнозинство.