Во буџетот нема пари за субвенционирање на придонесите за минималец од 500 евра, велат експерти
Се’ поизвесно е дека минималецот нема да достигне 500 евра. Експертите велат дека државната каса се уште била во лоша состојба и не може да издржи субвенционирање на придонесите. Ваква интервенција би била можна, но откако економијата ќе закрепне.
„Одредени синдикати бараат придонесите да се субвенционираат, меѓутоа во овој момент, буџетот на Владата да испорача таков вид на субвенција е неможен заради моменталната кондиција на Буџетот. Можеби би бил во некое друго време, можеби би било прифатливо, меѓутоа во 2025 ова е невозможна мисија и тешко изводливо. Веќе ретко кој работи, во кој и да е сектор, дури и во оние трудово-екстензивни, за таа минимална плата. Ако го земете и делот на текстилната индустрија, која беше на дното на платите, ќе видите дека и таму веќе платите растат и се над оној законски минимум заради недостатокот на луѓе“ – Лазар Јовески, универзитетски професор
Од бизнис конфедерацијата велат дека ја разбираат состојбата со буџетот и од април ќе го исплаќаат законското зголемување од околу две илјади денари, со што минималецот ќе биде нешто над 24 илјади.
„Состојбата со буџетот ни е објаснета. Не би било благодарно не ја разбереме, туку да сфатиме дека сите ние треба да придонесуваме за да можеме да некој начин да издвоиме пари за социјалните трансфери, вклучувајќи ги и социјалните придонеси. За нас тој аргумент, колку и да не ни се допаѓа, е аргумент на владата“ – Миле Бошков, Бизнис конфедерација на Македонија
Во меѓувреме, партиите меѓусебно се обвинуваат. Филипче преку социјалните мрежи им се обрати на работниците.
„Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход. ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас работниците, не со синдикатот. Зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни“ – Венко Филипче, претседател на СДСМ
Од ВМРО-ДПМНЕ вратија:
„Зошто наместо да ги подобрат условите за работа, власта на ДУИ и СДС се сведе на рекетирање фирми, крадење преку тендери и гушење на приватниот сектор? Наместо зголемување на плати, Македонија доби милионски афери, распродадени државни интереси и уништени институции. Се прашуваат зошто денес нема пари за зголемување на платите? Погледнете во сопствениот џеб!''
Од Сојузот на синдикати вчера рекоа дека се уште подаваат рака за преговори со власта, но ако нема договор најавија протести.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар