Во голема акција разбиена група која организирала нелегално коцкање во Скопје - Осомничени 8 лица
Разбиена група која организирала нелегално коцкање во Скопје. При претрес на повеќе локации, полицијата пронашла маси за покер, карти и чипови, голема сума на пари, возила и дрога. На едно од местата биле затекнати и 14 играчи.
Обвинителството за гонење организиран криминал отвори две истраги против вкупно осум луѓе.
Во првата постапка се опфатени шестмина. Групата, без дозвола, од февруари до вчера, организирала коцкање на три локации во Скопје.
- Осомничените обезбедувале играчи и договарале термини за игра на „омаха“, „покер“, „круг“ и „брич“. Игрите се одржувале во точно определени денови, со утврден број играчи и со однапред договорени правила и влогови, велат од ОЈО ГОКК.
Имале и каса за уплата и исплата, а ангажирале луѓе и за средување на масите и за делење на картите. Ќе се гонат за Злосторничко здружување и Приредување игри на среќа без лиценца.
Во втората постапка е опфатен еден од осомничените од првата група, и уште две други лица. Се сомничат дека преку лихварство и перење пари заработиле над 120 илјади евра. Парите ги внесувале на свои сметки и ги користеле за купување недвижности, отплата на кредити, но и за луксузен живот.
Обвинителството побарало притвор за седуммина и една мерка куќен притвор.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
