Македонија
10. December 2025 - 16:32

Вработените во судската служба ќе штрајкуваат ако не ги добијат додатоците на плата кои им доцнат од март

Над 2 илјади вработени во судовите немаат добиено додаток на плата од март, велат од независниот синдикат на судска администрација. На средба со првиот човек на судскиот совет, Камбовски, побарале исплата на сите заостанатите пари веднаш, а во спротивно најавија штрајк во судовите низ цела Македонија. 

- Претседателот на судскиот совет не извести дека барал од Министерство за финансии да ги пренамени средствата за додатоци на судската служба од 35% за овој месец. Министерството се уште молчи. Ние му предложивме заедно да појдеме до Финансии бидејќи вака топката ја префрлаат едни на други. Ние не сме виновни што тие немаат доволно соработка со другата власт. Ние бараме веднаш да ни се исплатат тие средства. Доколку не ни се исплатат, најавивме дека ќе имаме штрајк – изјави Јасмина Величковска, претседателка на Независниот синдикат на судската служба

Камбовски, пак, вели дека им дал поддршка на синдикалците. Очекува одговор од Министерството за финансии.

- Очекуваме и ние меѓутоа зависиме од Министерството за финансии. Доколку Министерството ни одговори на нашето барање кое е испратено пред две недели да одобри пренамена на парични средства од една сметка на друга, бидејќи ние имаме парични средства да исплатиме додатоци, но се наоѓаат на друга сметка кои ги има судско-буџетски совет. За жал, две недели немаме одговор од Финансии, ни позитивен, ни негативен - кажа Александар Камбовски, претседател на судски совет

Освен додатоци, независниот синдикат на средбата со Камбовски побарал и исплата и на регрес за годишен одмор, како и пополнување на испразнетите места. Велат дека недостасува голем број вработени низ судовите, па еден работник морал да работи како за четворица.