Македонија
22. July 2024 - 16:37

За еден месец ќе проработи онколошката амбуланта во ГОБ „8-ми Септември“, за акцелераторот треба време

За еден месец малигно болни ќе одат на прегледи и терапија во онколошката амбуланта  во ГОБ 8-ми септември. Кадар има, треба финансии за лекови, но за зрачна терапија ќе почекаат. Акцелераторот може да биде во функција за најмалку 6 месеци, најави министерот за здравство при посетата во установата.

-За акцелераторот ни треба време, најмалку околу три месеци за да се направат одредени контроли од специјалисти по таа област, да ни кажат што недостасува и што треба да се инвестира.Не би рекол дека пред шест месеци би можеле да го ставиме во функција акцелераторот.-За штипскиот се уште немам информација. Мислам дека е нефункционален, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

По ГОБ 8-ми септември, Таравари за две недели ќе ја посети и битолската болница за која акцелераторот беше купен пред 12 години , но се уште чека да почне со зрачна терапија за болните. Министерот вели собираат информации за скапо платените апарати од кои дел скапуваат и фаќаат прашина а досега не биле функционални и ќе ги достават до обвинителство.

Засега, олеснителна околност за надлежните е што ќе може да се растерети гужвата на Онкологија со амбулантите во дел од болниците.

-За бројката, колкава и да е таа, тоа многу ќе го растерети оној ред на чекање на Онкологија. За почеток ќе се трудиме динамиката да одговара на капацитетите а понатаму како ќе се зголемува тимот, така ќе расте и бројот на пациенти, вели д-р Синиша Стојановски, директор на ГОБ 8-ми септември.

И акцелераторите купени за милионски суми и онколошките амбуланти се дел од стратегијата за ставање ред во третманот на малигно болните кои не треба за се да одат на клиниката за Онкологија. Дали конечно ќе профункционира?