Македонија
8. October 2024 - 16:33

Забрана за пиење на водата во Василево

По Струмица , водата за пиење забранета и во општина Василево.Забраната важи за десет населени места од кои седум исто како и Струмица со вода се снабдуваат од браната Турија. Одлуката била донесена вчера откако најновите физичко хемиски и микробиолошки анализи покажале дека водата не е исправна за пиење. Дел од жителите на Василево не беа изненадени од оваа одлука, посочувајќи дека со години користат сопствени бушотини и хидрофори за водоснабдување. Други пак, денеска првпат дознаа за забраната.

Од комуналното претпријатие Турија информираа дека општина Василево тие веќе   подолг период преземаа мерки за обезбедување на питка вода за населението. Обезбедени биле диспанзери, шишиња вода во училиштата и градинката како канистри со вода за пиење на населението . Од денеска  функционира и цистерна за вода обезбедена со помош на општина Радовиш.

„Општина Василево побара дополнителни анализи на водата за пиење во наредните денови и од Центарот за јавно здравје и паралелна анализа од акредитирани лаборатории.
Екипите се на терен и работат на надминување на состојбата и решавање на проблемот за што граѓаните ќе бидат дополнително информирани,“ стои во соопштението на ЈПКД Турија Василево.

Пред 11 дена водата за пиење беше забранета и во градот Струмица и 6 населени места .Резултатите покажале дека присуството на манган во истата е неколку пати поголемо од дозволените количини.