10% маржа на 100 групи производи до крајот на април, мерката ќе биде донесена деновиве
10% маржа на основните прехранени производи, бебешката храна, средствата за хигиена и други продукти кај кои била забележана голема разлика меѓу набавната и продажната цена. Мерката треба да ја скрои Министерството за економија и ќе стапи во сила деновиве, а ќе важи до крајот на април.
„Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи. Во овој момент се задолжи министерството да ја изработи оваа одлука. Откако ќе биде донесена на владина седница, истата ќе стапи на сила“ – Марија Митева, портпаролка на Владата
Освен оваа мерка, Владата им препорача на сите маркети на своите веб страници да ги објават цените на сите производи и редовно да ги ажурираат.
„Сите ланци на супер маркети, хипер маркети да имаат јавна веб страна, транспарентна на којашто ќе ги објават сите цени, на сите производи коишто ги имаат во своите маркети, за да можат граѓаните да видат јасно колкави се цените, и тие самите да одлучуваат, како што имаат некои земји во светот и да ги следиме ние тие трендови и да правиме некаков хистограм на движење на тие цени“ - Христијан Мицкоски, премиер
Реагираа од СДСМ.
„Дали ова е стратегијата за заштита на животниот стандард? Да ажурираат сајтови додека луѓето сè потешко преживуваат? Овоj „бисер“ е само уште една потврда дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема ни визија, ни волја да преземе конкретни мерки за спречување на растот на цените сами на себе“, велат од СДСМ.
Откако маржите и официјално ќе се замрзнат, пазарните инспектори ќе можат да казнуваат доколку мерката не се почитува.
Овие мерки следат по обемниот пет месечен извештај на пазарниот инспекторат кој покажа дека маркетите на основните производи имаат маржа од 5 до 20%. Кај другите продукти, маржите оделе од 25, па до над 35 отсто. Кај увозниците, односно дистрибутерите маржите се движеле од 20 до над 40%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар