101 повреден во кочанската дискотека на лекување во странство
До крајот на денот уште тројца пациенти од ГОБ “8 септември” треба да бидат испратени на лекување во Шведска или Шпанија. Директорот на установата информираше дека тие не се во критична состојба, но третманот ќе го продолжат во странство поради изгорениците на телото. До утринава во 25 болници во 12 држави транспортирани се вкупно 101 повреден во големата несреќа во кочанската дискотека. Здравствените власти засега не планираат испраќање други повредени надвор. Според директорот на Фондот за здравство се прават планови следната фаза од третманот на хоспитализираните во македонските болници да продолжи тука, бидејќи лекувањата ќе бидат подолготрајни.
- Денеска би требало да заврши фазата на транспорт на пациентите во странство што ќе овозможи целосна концентрација на планирање на следните чекори во земјава, кои не се само трансплантација на кожа, туку ќе има и други постапки кои се неопходни, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат подолготрајни. Мора да се подготвиме дел од пациентите да ги вратиме во земјата и да бидеме способни да го продолжиме нивното лекување, рече Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Најголем дел од повредените се на лекување во Србија. Денеска во Белград беше и министерот за надворешни работи за да се информира за нивната состојба.
- Ви благодариме што сместивте голем број пациенти и направивте се што е потребно. Вашите министри, премиерот Вучевиќ и министерот Марко Ѓуриќ, беа меѓу првите што ни се јавија, не само за да покажат емпатија, туку и да дадат поддршка и помош, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.
Завчера ноќта двајца пациенти со воен авион беа пренесени и во Клиничкиот Центар Љубљана.
- Ние правиме се за да пациентите побргу заздрават, изјави д-р Адела Стечер, од УКЦЛ.
На денешната прес конференција во Владата директорот на ФЗО информираше дека според нивните податоци годишно поради изгореници во земјава се лекуваат 100-тина пациенти. Од 2017 само 5 случаи биле испратени во странски центри. Клековски најави дека ќе се направат анализи дали треба да се обнови Центарот за изгореници во Старата градска болница кој беше затворен во 2016-та или ваквите случаи да се испраќаат на надвор, а трошоците да ги покрива ФЗО.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар