14 инспекции ќе казнуваат ако се пушат цигари на места каде е забрането – Законот стапува на сила летово
Законот за заштита од употреба на цигари, тутун и други сродни производи се очекува да стапи на сила ова лето. Во вторник ќе се најде на владина седница, по што ќе биде испратен во Собрание. 14 инспекции ќе казнуваат ако не се почитуваат законските одредби во цела Македонија. Премиерот најави дека нема да има повластени објекти, региони, ниту градови.
- Апелирам овој закон што е можно побрзо да се донесе. И уште еднаш би сакал јавно, еве овде да кажам, после овој наш состанок, дека нема да има повластени. Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, оној, па нема да го почитува законот, па него немало да го фатат и слично, се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третпат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани. Така што, еве ова е мојата конечна порака, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Угостителите ќе имаат рок од 1 година да ги прилагодат терасите кои треба да бидат отворени од најмалку 2 страни.
- Ќе имаме можност да ги преадаптираме нашите тераси согласно новите законски решенија, со цел нашиот сектор да претрпи колку што е можно помали економски последици, изјави Перица Голомеиќ, претставник на Туристичко-угостителската комора при ССК.
Покрај со угостителите законот е срочен и по консултации и со претставници на тутунската индустрија од каде посочија дека посочија дека сè уште има многу области каде што може и треба да продолжи конструктивниот дијалог меѓу сите засегнати страни.
- Регулацијата на новите производи и понатаму треба да остане во фокусот на идната регулатива и нашата понатамошна соработка, каде ја нудиме целосната експертиза како мултинационални компании со светско искуство. Во разговорите укажавме дека согласно нашите искуства, прекумерната регулација може да резултира со раст на нелегалната трговија и во овој контекст треба да се разгледуваат позитивните искуства на дел од земјите членки на Европската Унија, рече Васко Ристовски, претставник на тутунската индустрија при СКМ.
Освен класичните, со новиот закон се забрануваат и елекстронските цигари и другите несогорливи производи кои содржат никотин и тутун. Според министерот за здравство целта е да се заштитат младите. Освен во угостителски објкекти, не смее да се пуши ниту во приватни фирми, јавни институции, автобуски и железнички станици, постојки за градски автобус, пазари и јавни места каде има повеќе луѓе. Не смеат ниту да се рекламираат тутунски производи, ниту на социјални мрежи ниту од страна на инфлуенсери.
- Ја зголемува заштитата на децата преку намалување на нормализацијата, присутноста во училиштата, заштита во приватно возило во присуство на дете, како и на 20 метри од влезовите на здравствени, образовни инстиутции и установи за деца. Законот ја затвора и сивата зона за терасите. Стариот закон само велеше дека пушењето е дозволено на тераси, без доволно јасни услови за нив. Новиот закон воведува јасни и спроведливи критериуми, како на пример, терасата мора да биде отворена од најмалку две страни, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Казните за непочитување на законот ќе се движат од 100 до 300 евра за физички лица, а од 2-5000 евра за фирми.
Според статистичките податоци, во Македонија речиси половина од возрасното население пуши цигари, а тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
