Македонија
16. April 2024 - 16:37

30 дена притвор за полицајците од затворот „Идризово“

Дел во притвор, други со мерки на претпазливост. Шестемина уапсени полицајци од Идризово кои дозволиле бегство на затвореник, заработија 30 дневен притвор. На останатите 11 мина, судот им го ограничи движењето. Одземени им се патните исправи, не смеат да го напуштаат домот, а повремено ќе се пријавуваат и кај судски или полициски службеници.

Во меѓувреме, од обвинителството велат дека се собираат докази за потврдување на кривичните дела за кои ги сомничи 17 мината затворски службеници од Идризово.

Според невладините, најголемиот затвор во државата е место каде царува корупцијата и насилството. Главен проблем, велат се лошите услови. Затвореници плаќале да добијат душек, храна, лекови или мобилен телефон, често меѓу себе се тепале, а мета им се и полициски службеници бидејќи употребувале прекумерна сила.

„Во разговори со едната и другата страна во затворите, како и поплаките кои стигнуваат до нас, често пати затворениците се жалат на прекумерна физичка сила. Меѓутоа, истите се плашат да поднесат официјално поплаки, формално да се постапува, затоа што тие мора да се вратат и да продолжат да функционираат во затворот. Од друга страна, затворската полиција се жали дека безбедноста им е загрозена и на нив, ама и на нивните блиски семејства поради притисоците кои ги имаат внатре од затворените лица“, велат од Хелсиншки комитет за човекови права.

Статистиката на народниот правобранител пак открива дека голема е желбата за бегство. Лани побегнале 119 затвореници. Наголем дел полицијата ги вратила зад решетки, но 24ца се уште се на слобода.

Апсењето на 17 полицајци, не го коментира управата на Идризово.. Велат случајот се истражувал од октомври кога полицајците дозволиле да им побегне затвореникот. Тогаш биле суспендирани и казнети на плата, сега им се заканува и затвор до 10 години.