Свет
29. May 2016 - 20:53

Абади: Продолжуваат борбите за ослободување на Фалуџа

За два дена ќе почне нова етапа за ослободување на Фалуџа од џихадистичката група Исламска држава, изјави ирачкиот премиер Хајдер ал Абади.

- Операцијата за ослободување на Фалуџа ќе влезе во третата фаза во следните 48 часа, посочи Абади пред ирачкиот Парламент.

Тој апелираше до цивилите или да го  напуштат градот или да останат во своите домови.

Пред една недела ирачката армија со воздушна поддршка од коалицијата предводена од САД почна офанзива за ослободување на Фалуџа, 65 километри западно од Багдад.

Последните денови специјални одреди на ирачките безбедносни сили за борба против тероризмот навлегоаа во Фалуџа и напредуваат кон центарот на градот. Во борбите загинале 110 припадници на ИД.

Во меѓувреме, ИД изврши напад врз друг западно ирачки град, Хит, на околу 110 километри западно од Багдад. Хит беше изложен на артилериски и самоубиствени напади. Армијата и племенските борци успеале да го одбијата нападот, при што загинале 40 џихадисти. Во борбите загинале и шестмина припадници на владините сили, а осум се повредени, меѓу кои и началникот на полицијата на Хит.