Македонија
18. September 2015 - 16:20

Адеми учествуваше на регионална министерска конференција во Сплит

Министерството за образование и наука особено го цени основањето на Центарот за истражување и иновации на Западен Балкан - WISE, кој е од особено значење за јакнење на поддршката на земјите од Западен Балкан во областа на истражувањето, развојот и иновациите, истакна министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на регионалната министерска конференција во Сплит, Хрватска, посветена на основањето на WISE. 

Како што соопшти МОН, министерот посочил дека основањето на Центарот ќе ја зајакне регионалната соработка што ќе придонесе за јакнење на капацитетите на истражувачите, размена на научните сознанија и резултати како и подобрување на бизнис-климата во регионот.

- Ова е стратешка институција која ќе овозможи успешна имплементација на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновациина Западен Балкан преку привлекување на поголеми финансиски средства за вложување во истражувањето, развојот и иновациите, додаде Адеми.

Тој нагласи дека спроведувањето на четирите иницијативи од Акциониот план на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновациина Западен Балкан ќе овозможи побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во Европскиот истражувачки простор, зголемен економски раст на земјите  како и креирање нови работни места.

- Сакам да го поздравам одржувањето на овој значаен собир, со надеж дека ќе се обезбедат финансиски средства за имплементација на иницијативите и активностите предвидени во Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации на Западен Балкан. Ова секако ќе придонесе за размена на идеи и искуства, зајакната соработка, се со цел унапредување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан и поголеми вложувања во науката и иновациите, истакна Адеми.

Во своето обраќање Адеми ги потенцираше заложбите на Министерството за образование и наука во подобрување на научно-истражувачката дејност во Република Македонија.

- Министерството за образование и наука подготвува 4-годишна програма за високо образование и научно-истражувачката дејност во Република Македонија. Една од најважните цели на Програмата е зголемување на инвестирањето во истражување и развој до 1,8 отсто од Бруто домашниот производ до 2020 година, а учеството од приватниот сектор да достигне до 50 проценти од вкупните инвестирања во истражување и развој, рече Адеми. Додаде и дека во  2012 година, Владата на Република Македонија ја усвои Стратегијата за иновации во Република Македонија. 2012-2020.

- Една од најзначајните мерки реализирани од оваа Стратегија е формирањето на Фонд за иновации и технолошки развој во Република Македонија како инструмент за финансирање на грантови за: старт ап и спин оф компании;  трансфер на технологии, акселаратори како и техничка помош за старт ап компании, истакна Адеми, истакнувајќи дека е еден од позначајните проекти на Министерството за образование и наука е проектот за опремување и модернизирање на лабораториите на државните универзитети, проект вреден 60 милиони евра.

Нашето министерство, напомена Адеми, активно ја поддржува определбата дека најголемата инвестиција е образованието на младите генерации, а преку стимулирањето на нивната научна креативност како држава ќе создадеме млад научен потенцијал, кој преку своите истражувања и сознанија ќе дадат импулс во позитивна насока во сите сфери во општеството. Го потенцираше и порастот на меѓународната научна соработка со повеќе земји, особено со европските, која се реализира преку Програмата Хоризонт, COST, EUREKA, UNESCO, NATO, IAEA  и JICA.

- Министерството за образование и наука има успешна долгогодишна регионална соработка со земјите од Западен Балкан. Во контекст на јакнењето на регионалната соработка МОН има потпишано билатерални спогодби со сите земји од регионот. Во рамките на овие спогодби овозможена е проектна соработка со земјите од Западен Балкан како и стипендирање на млади кадри, додаде Адеми на регионалната министерска конференција во Сплит.