Македонија
17. April 2021 - 16:47

Адвокатскиот тим на Камчев обвинува за нестручно и несовесно работење

Директно кршење на основните човекови права и незаконска мерка. Вака одбраната на Орце Камчев го оценува новото судско решение, со кое на Камчев му се одредува продолжување на притворот во траење од 30 дена. Неговите адвокати велат дека веќе поднеле жалба до Апелација, а во денешното соопштение до медиумите прашуваат:

“Дали изрекувањето на оваа скандалозна одлука за продолжување на притворот е само дополнување и проширување на тортурата која во првите 10 денови се вршеше врз г-динот Јордан Камчев во затворската институција, а која по увидот ја потврди и народниот правобранител? Само сега, со злоупотреба на други институции и други средства”, прашува адвокатот Менкиновски.

Адвокатите тврдат дека постапката е потврдена, бидејќи не се презентирани доказите на одбраната. Дополнително, не е презентирана и белешката од АНБ која според одбраната е главна причина за притворот на Камчев, а во која се вели дека осомничениот во февруари се сретнал со припадник на странска служба за безбедност од Бугарија, при што подготвувал бегство.

Дури и во случај да постои, е незаконита како доказ, вели адвокатскиот тим. Опасноста од бегство е неоснована, бидејќи двете патни исправи се депонирани во судот, вели Менкиновски.

Нерегуларностите не завршуваат тука, тврди одбраната на Камчев

“Во решението Јавниот обвинител се повикува на потреба за продолжување на притворот, дополнително и за постапка, која се води за случајот “Империја”, а за која патем водат неразумно долга и надвор од законските рокови истрага од повеќе од 36 месеци, и постапка за која што веќе г-динот Камчев бил во притвор. Во таа насока во наведениов случај имаме повреда на членот 7 Забрана за двојно судење”, смета одбраната.

Како последица на несовесното работење на судот, од одбраната на Камчев информираат дека се поднесени кривични пријави, како и претставка за нестручно работење на Судија на претходна постапка како и на судиите од Кривичен Совет кои одлучуваа.

“Воедно поднесовме барање до ЈО за изземање на обвинителката Лиле Стефанова која првенствено нема ниту стварна ниту месна надлежност за случајот и е компромитирана како обвинител кој беше дел од СЈО кога се потврди случајот ,,Рекет’’. За неа се поднесени кривични пријави од страна на Јордан Камчев во врска со нејзино незаконско постапување во предметот ,, Империја’’, а невозможно е да остане незабележан личниот анимозитет и непрофесионален однос кон г-дин Јордан Камчев, кој во нејзините јавни излагања досега, се нема ни обидено да го прикрие”, соопштуваат од одбраната на Камчев.