АЕК: Непочитувањето на навивачите е непочитување и на АЕК

АЕК значи чест, гордост, почит, морални вредности. АЕК значи семејство, АЕК значи СОЈУЗ! Најголемата поддршка на АЕК низ историјата биле неговите навивачи и непочитувањето на навивачите е непочитување и на АЕК, соопштија од грчкиот клуб по вчерашната одлука да не го одиграат натпреварот против Алкалоид во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.
Од АЕК посочија дека раководството „со еден глас, донесе тешка, но неопходна одлука“ и дека „ниедна сила не може да им направи неправда на навивачите, како што се обидоа да направат локалните власти на Скопје“.
Коментираат дека неправдата кулминирала со, како што тврдат, тоа што не им било дозволено на некои од навивачи да ја преминат границата и да влезат во земјата, „како што беше договорено на утринскиот безбедносен состанок“.
– Сите сме тука, продолжуваме обединети, не преговараме за честа на АЕК, додадоа од атинскиот клуб.
Навивачката група на АЕК „ORIGINAL21“ преку социјалните мрежи коментираше дека вчера „беше голем момент во историјата на нашиот клуб“, бидејќи играчите „отфрлија нешто толку важно како што е европски трофеј за да ги поддржат навивачите на АЕК“.
– За нас вие веќе сте победници! Нашата одлука, или сите или никој, не е моментална одлука, тоа е животен став, соопштија од навивачката група.
Како што синоќа објави МИА, спортскиот портал „Еноси“, што е специјализиран за вести поврзани со екипите на АЕК во сите спортови високиот член на раководството на РК АЕК Стаматис Папастаматис на ракометарите на атинскиот клуб им рекол дека нема да дозволат неправда кон навивачите.
– Разбирам дека сите сакавте да влеземе на терен и да се бориме. Но, правото на луѓето на АЕК е и наше право. Тие се нашата сила и ние ќе ги почитуваме по секоја цена. Нема да дозволиме неправда кон нашите луѓе и измама од страна на локалните власти. АЕК е семејство. И ние сме едно со нашите луѓе. Одлуката на сите нас во раководството е да не излеземе да играме, им рекол Папастаматис на ракометарите, според „Еноси“.
Истиот портал „Еноси“, нешто помалку од еден час пред натпреварот, објави дека неколку автобуси со навивачи на АЕК се задржани на граничниот премин и не им е дозволен влез и дека „раководството на АЕК, на состанок со ЕХФ, јасно стави до знаење дека тимот нема да излезе на терен, ако на навивачите не им биде дозволено да ја преминат границата.
Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК од финалето во ЕХФ Европскиот куп што требаше да се одигра вчера во 20:30 часот во „Борис Трајковски“ не започна, откако ракометарите на гостинскиот тим одбија да излезат на терен.
Од ЕХФ соопштија дека финалето е откажано поради безбедносни причини, а дополнителни информации за понатамошните процедури ќе бидат соопштени навремено.
Ново на Сител
-

ЈПДП потсетува дека од 15 јуни лентите за MTAG ќе бидат исклучиво за корисници со електронски тагови
-

Кина: Почнавме специјална поморска операција во близина на Тајван
-

Приведен 40-годишен жител на Свети Николе, пронајдени марихуана и семки од канабис
-

Папата пред повеќе од милион луѓе на миса во Мадрид ги повика младите да пронајдат вера
-

Зверев го израмни рекордот на Ферер за најмногу победи на Ролан Гарос од страна на играч без титула
-

Хамилтон за ГН на Монако: Знаете како одат овие трки, ќе биде многу тешко да се престигне
-

Пукање на фестивал во САД, најмалку 12 ранети
-

Андоновски ќе го претстави новиот систем за СМАРТ лиценци и активностите за „Роаминг како дома“
