Македонија
1. November 2024 - 16:33
АХВ: Не постои сериозна опасност за ширење на птичји грип од скопско Злокуќани
Не постои сериозна опасност за ширење на причји грип од скопско Злокуќани, каде вирусот лабораториски беше потврден кај угината дива гуска во комплексот, информираат од АХВ. Директорот на АХВ вели дека биле превземени сите мерки. Негативни се резултатите од тестираните лебеди на Факултетот за ветеринарство.
- Станува збор за затворен комплекс каде по потврдување на присуство на вирусот се преземени сите неопходни мерки за заштита. Лабораториска потврда за отсуство на вирусот е добиена од тестирани два лебеди. Претстои заловување на уште две украсни птици кои се чуваат во езерото и ќе бидат изолирани и на нив ќе се изврши лабораториско тестирање, вели д-р Оливер Миланов, директор на АХВ.
Болеста се пренесува преку директен контакт или фекалии од заразена птица. Претежно заболува живината, а многу ретко и луѓе. Главен резервоар се дивите птици.
- Апелираме до граѓаните, доколку најдат угината дива птица гуска, патка и слични на нив да ја информираат АХВ или ветеринарните друштва. Доколку станува збор за изолирани угинувања на други видови птици да се јават во најблиските комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешевите, вели Миланов.
Случај на птичји грип во Злокуќани беше регистриран и пред две години, а пред 15 дена и кај угината гуска во скопската зоолошка градина која ќе остане затворена уште една недела.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
-->
-->