Македонија
18. November 2015 - 11:04

Академик Ристо Василевски добитник на „Poeta laureatus” и „Златна лира”

Академик Ристо Василевски, поет, есеист, книжевен критичар, антологичар, преведувач и издавач, кој твори на македонски и на српски јазик, е добитник на меѓународното признание „Poeta laureatus” и на наградата „Златна лира” на 10. Хераклејски поетски свечености – Средби на Медитеранот.

Тие ќе му бидат врачени во рамки на манифестацијата која се одржува утре и задутре  во Битола.

Василевски е автор на над 300 авторски дела, избори од творештвото на други автори и преводи, пред сè од македонски на српски јазик и обратно, и добитник на повеќе од четириесет домашни и меѓународни награди и признанија.

Негови дела се преведувани на над 30 јазици, поезијата му е застапена во близу двесте антологии на македонската, српската, балканската и светската поезија.  Автор и на десетина антологии на македонското поетско творештво. Годинава ги објави антологиите „Од живиот извор – Петнаесет македонски поети” и „Моќни струни” – Антологија на македонското поетско творештво од 9 до 21 век.