Балкан
15. October 2024 - 8:31

Албанија го отвора првиот кластер на преговори за пристапување во ЕУ

Албанија денеска го отвора првиот т.н кластер на преговори за пристапување во ЕУ. 

Во Луксембург ќе се одржи меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, на која ќе започне првата фаза од преговорите, откако земјата во овој процес беше одвоена од Република Северна Македонија на крајот на септември.

Албанија и Северна Македонија заеднички ги започнаа преговорите на 19 јули 2022 година во Брисел.  

-Европската комисија очекува почеток на преговорите за проширување што е можно поскоро со Албанија, како и со Северна Македонија, откако ќе се исполнат барањата одобрени од Советот на ЕУ, изјави портпаролот на Комисијата во септември по повод одлуката да ги раздвои двете балкански земји во преговарачкиот процес.

Во првата фаза од преговорите се вклучени поглавјата „Јавни набавки“, „Статистика“, „Судски систем и основни права“, „Правда, слобода и безбедност“ и „Финансиска контрола“.