Свет
2. November 2016 - 17:49

Алфано: Можно е земјотресот да го одложи референдумот за промена на италијанскиот Устав

Серијата земјотреси од последните неколку дена во централна Италија може да бидат основа за одложување на исклучително важниот референдум за промена на Уставот, закажан за 4 декември, изјави денеска италијанскиот министер за внатрешни работи, Анџелино Алфано, цитиран од ДПА.

Десетици градови и села се евакуирани, а најмалку 22.000 лица останаа без дом, откако потресот со јачина од 6,5 степени според Рихтер во неделата го разниша регионот на околу 120 километри североисточно од Рим.

- Јасно е дека сега не е најпогодното време за остра и груба кампања, а и не би било логично. Особено додека сите работиме да им обезбедиме  дом на оние кои го загубиле својот, изјави Алфано за радио РТЛ.

Тој, меѓутоа, изјави дека Владата нема да презема иницијативата за одложување на референдумот. На него Италијанците треба да се произнесат дали да се ограничат надлежностите на Горниот дом на Парламентот и на италијанските региони.

Првите реакции на изјавата на Алфано беа негативни. Опозициските политичари се сомневаат дека агитаторите за поддршка на уставните промени, меѓу кои е и министерот Алфано, си бараат причина за одложување на референдумот затоа што социолошките истражувања покажуваат дека предложените измени ќе бидат отфрлени.

Премиерот Матео Ренци во понеделникот изјави дека не може да стане ни збор за одлагање на референдумот, а претставници на неговата Демократска партија побрзаа да го демантираат Алфано, кој се наоѓа на чело на помала партија од владеачката коалиција.