Алкалоид го патентираше првиот Омепразол во течна форма
„Алкалоид“ во изминативе години започна процес на редизајнирање на постојни генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти. Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на „Алкалоид“, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) кај мали деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасни пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациенти со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Овие заболувањa се едни од најчестите во гастроентерохепатологијата, а се манифестираат со враќање на желудочната киселина во хранопроводот, што предизвикува нелагодност и можни долгорочни компликации. Лекови од прв избор во третманот на рефлуксен езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата, од „Алкалоид“, е развиена течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.
Иновативноста на овој нов производ на „Алкалоид“ се базира на два посебни раствори содржани во двокоморското пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен Омперазол за употреба. Производот има пријатен вкус на лимон и ментол и не содржи шеќер, сорбитол и бои. За да се задоволат специфичните барања во процесот на производство на овој лек, компанијата инвестираше во наменски изработена машина соодветна за овој иновативен производ, осигурувајќи ефикасен и одржлив синџир на негова испорака низ светот.
За пероралниот раствор Омепразол „Алкалоид“ го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар и за пазарот во Обединетото Кралство. Во тек се регистрациските постапки за земјите во Европа и за пазарите на Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и негово последователно лансирање.
Овој производ ја потенцира посветеноста на „Алкалоид“ на врвни достигнувања во сферата на фармацијата и претставува новина во генеричкото производство на лекови преку иновативност, пазарна диференцијација и преку третман на специфични групи пациенти. Во моментов во развојните лаборатории на компанијата се работи на уште неколку иновативни формулации.
Ново на Сител
-
Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година
-
Македонските фудбалери вечерва ја пречекуваат Летонија
-
Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел
-
Гувернери на државите во САД создадоа група за да се спротивстават на политиките на Трамп
-
Состојба на патиштата
-
Облачно со повремен дожд, а на планините снег
-
Кандидатите за членови во Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги реферираа пред Комисијата за избори и именувања
-
СОС Детско село ја доби Цветиновата награда за мир