Амбасадорот Сулстром неделава ќе ги посети поголемите градови низ Македонија

Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, од денеска до 9 мај ќе патува низ целата територија на Македонија. Предвидено е да ги посети сите поголеми градови за да ги истакне и одбележи бројните силни, како долгогодишни така и нови врски и партнерства помеѓу двете земји. Како што информираат од Амбасадата, посебен фокус ќе биде ставен на придонесот на шведските компании, резултатите од шведската реформска соработка, како и на долгогодишните културни врски.
Посетата е дел од иницијативата „Амбасада на турнеја“ и почнува утрово од Скопје, а ќе опфати посети и на Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Струмица и Куманово, по што ќе заврши во Скопје на Денот на Европа, во сабота, 9 мај.
Амбасадорот и неговиот тим ќе ги истражуваат локалните знаменитости и вкусови за подобро да ја запознаат земјата, а воедно ќе остваруваат средби со локалните власти и партнери, шведски компании, граѓански организации и организации на локалните заедници, дијаспората и претприемачите.
- Турнејата почнува во Скопје, каде амбасадорот ќе ја посети улицата „Стокхолмска“, именувана во знак на благодарност за поддршката на Шведска по земјотресот во 1963 година, како и Домот за стари лица „Мајка Тереза“, изграден со шведска помош. Програмата вклучува и средби со големи и мали шведски компании кои работат во Северна Македонија, Бизнис форум во Битола коорганизиран со Шведско-македонската стопанска комора, Шведската алумни мрежа и регионалните Ротари клубови, како и посети на проекти финансирани од Шведска во рамките на реформската соработка, со фокус на заштита на животната средина, економско јакнење, управување со отпад и социјална инклузија, наведува Амбасадата.
Културните и локалните активности вклучуваат велосипедска тура по рутата Транс Динарика во близина на Охридското Езеро, настан со средношколци посветен на заштита на езерото, креативноста и одржливоста во Струга, како и дегустација на регионални специјалитети како што се тавче-гравче, баклава и пастрмајлија, меѓу другите.
Иницијативата #EmbassyOnTheRoad претставува уште еден иновативен напор на Шведската амбасада за одбележување и промоција на бројните силни врски меѓу Шведска и Северна Македонија – како и на поединците и организациите кои ја движат оваа соработка – и за зајакнување на билатералните односи, промоција на трговијата и инвестициите и потврдување на континуираната, цврста посветеност на Шведска да ја поддржува Северна Македонија во нејзиниот развој и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
МИА
Ново на Сител
-

Уапсен 26-годишен скопјанец кој се обидел да изнуди 8.000 евра од 61-годишник
-

Жена се породила во двор во Конче, новороденчето без знаци на живот донесено во болницата во Штип
-

Приведен 19-годишник кој крадел алкохол од маркет
-

Прегазена 92-годишна жена во Скопје
-

Кривична за маж од гостиварско за демнење на 15-годишно девојче
-

Потврдена епидемија на ебола во ДР Конго
-

Тошковски: Загрижува растот на семејното насилство, но посветени сме за најдобар одговор којшто може да го даде МВР
-

Мицкоски: Реформите се доказ дали сте за Европа, не е само Бугари во Уставот
