Македонија
27. February 2018 - 14:24

Амбасадорот Тимоние ќе ги информира француските бизнисмени за „Еурокомпозит“

Амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние ќе ги информира француските компании за состојбата во „Еурокомпозит“ со цел изнаоѓање потенцијален стратегиски партнер. 

Тимоние кој денеска беше во прва официјална посета на Прилеп, се сретна со градоначалникот Илија Јованоски и ги посети компаниите „Микросам“ и „Кули“.

- Од пред неколку години се познати тешкотиите со кои се соочува тоа претпријатие. Станува збор за претпријатие со огромна традиција и е едно од ретките во Европа кои произведуваат муниција и се обидуваат да најдат потенцијални партнери, но треба самите индустријалци и стопанственици да си најдат заеднички интерес за соработка. Ние ќе направиме се за добро да ги информираме француските индустријалци и бизнисмени дека постои навистина можеби потенцијален интерес за инвестирање во оваа фабрика, рече францускиот амбасадор.

Според него, македонската Влада е расположена за зајакнување на односите со Франција на економски и на трговски план, а Прилеп поради својата динамика треба да си го најде заслуженото место во тие продлабочени и унапредени односи.

Градоначалникот Јованоски рече дека соработката со Франција може да се реализира преку проект за туристичка презентација на мариовскиот регион.