Свет
18. January 2017 - 8:49

Американка, која го обвини Трамп за сексуално вознемирување, покрена против него тужба за клевета

Американката Самер Зервос, која го обвини новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп за сексуално вознемирување, денеска против него покрена тужба за клевета.

Зервос, поранешна учесничка во реалното шоу „Приправник“ првпат упати обвинувања кон Доналд Трамп пред околу два месеца. Во октомври минатата година таа го обвини магнатот за несакани и недолични сексуални контакти во 2007 година, кога се сретнала со него за да разговараат за можноста да ја вработи. 

Трамп категорично ги отфрла тврдењата и ја нарече лажга и ловец на слава.

Зервос сега изјавува дека ќе ја повлече тужбата за клевета, доколку Трамп ги повлече зборовите и признае дека инцидентот се случил. 

Жената истакна дека не бара парична отштета, туку само сака да си ја заштити репутацијата. 

Кон крајот на минатата година десет жени го обвинија Трамп за сексуално вознемирување.