Loading Video...
Македонија
24. February 2025 - 19:49

Американската резолуција за Украина изгласана откако доби европски „шмек"

Генералното собрание на Обединетите Нации ја усвои Американската резолуција за Украина, но откако доби европски шмек. Вметнати беа амандмани со кои во текстот Русија се споменува дека извршила воена инвазија врз Украина, нешто на што се противеше новата администрација на Трамп. Поради тоа САД, гласаше воздржано за сопствената резолуција, а воздржана беше и Македонија, која беше и коспонзор на резолуцијата. Сума сумарум, „за“ гласаа 93-ца, 8 против и 73 воздржани. 

Светските медиуми ова го толкуваат како победа на Европската Унија за тоа како ќе се третира руско-украинската војна. 

Со идентичен број гласови усвоена беше и втората резолуција, овојпат од Украина, со која се бара итно повлекување на руските трупи од украинската територија. За оваа резолуција Русија и САД гласаа против, а Македонија повторно беше воздржана.

За коспонзорството на Македонија, премиерот Мицкоски без образложение рече дека така одлучиле.

Подоцна од МНР дообјаснија дека одлуката не треба да се толкува како промена на досегашните позиции.

„Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата“, велат меѓудругото од МНР.

Резолуциите донесени во Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки, но служат како барометар на светското мислење.