Loading Video...
Свет
16. May 2024 - 16:36

Анализа на македонски експерти: Кои се мотивите за атентатот врз словачкиот премиер?

По петчасовна интервенција, два медицински тима го спасија животот на словачкиот премиер, но Фицо се уште се наоѓа во тешка здравствена состојба. Преживеа пет куршуми испукани кон него, ама му следува уште една операција на колкот. 

„Во текот на ноќта лекарите успеале да ја стабилизираат состојбата на пациентот, а во овој момент се водат натамошни процедури кои треба да имаат за цел подобрување на неговата состојба. Ситуацијата е навистина сериозна“, изјави Роберт Калинак, министер за одбрана на Словачка. 

Атентатот го извршил 71-годишен писател. Според првичните информации, не се согласувал со политиките кои ги водел Фицо. По пукањето, веднаш беше совладан од полицијата, по што му се заканува доживотна затворска казна. Македонските експерти за безбедност оценуваат дека атентаторот припаѓа во групата на волци самотници терористи, оти осомничениот дејствувал без придружба.

Претседателката на Словачка реши да употреби поблага реторика, осудувајќи го терористичкиот чин врз словачкиот премиер. Од друга страна приврзниците на Фицо, не штедеа зборови. Жестоко ги искритикуваа политиките на либералните медиуми, по што обвинија дека нивните објави придонеле да се случи овој напад. Македонските експерти оценуваат дека поларизацијата била очекувана.

Во меѓувреме, веќе се спроведуваат повеќе протоколи. Словачките функционери имаат дополнително обезбедување, а се очекува да заседава Советот за безбедност. Меѓународната заедница го осуди терористичкиот чин, а српскиот претседател и Орбан експресно најавија посета на Фицо во следните денови.