Анализа: Планот на Фон дер Лајен за проширување на ЕУ не се совпаѓа со анализите на институтите на ЕУ
Реизбраната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својата програма истакна дека „проширување“ на Европската унија ќе биде една од нејзините клучни геостратешки цели, особено поради руската инвазија на Украина и во суштина ја потврди претходна политика и процедура за можен, но сега забрзан прием на нови земји во членство.
Во последната заедничка анализа на институтите во седум земји-членки на ЕУ насловена „Проширувањето на чекање: Цената што ја плати ЕУ“, се посочува дека различните модели на инкорпорирање на нови земји во членството во ЕУ - од постепена, етапна интеграција во одредени сектори, а до пристапувањето, „не гарантираат конечно членство и ја носат можната цена на непроширување“, пренесе Бета.
Во студијата објавена од Италијанскиот институт за меѓународни односи (IAI) и грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP), се посочува дека „разочарувањето на Западен Балкан во однос на членството во ЕУ е можеби најдобриот показател за цената на непроширување, односно премногу развлечен модел заснован на заслуги“.
Во програмата на Фон дер Лајен се наведува дека ЕУ ќе ги поддржи земјите-кандидати за прием во Унијата со тоа што ќе работи на инвестиции и реформи и ќе ги интегрира „секаде каде што е можно“ во европските процеси на одлучување.
Аналитичките центри во Италија, Грција, Белгија, Полска, Чешка, Литванија и Финска нагласуваат дека „руската инвазија на Украина органски го поврза прашањето за проширување на ЕУ со структурата и редот на безбедноста во Европа“.
„Но, брзите ветувања за членство и обновениот фокус на проширување“, се наведува во заедничката студија, „ги подигнаа очекувањата на голем број (потенцијални) кандидати, иако без гаранција за прием во членство“.
Се проценува дека тие неисполнети очекувања ќе имаат „погубни последици“ не само за соседството на ЕУ, туку и за Европа и нејзината улога во светот.
Според анализата разочарувањето на Западен Балкан поради долгиот и многу исцрпен процес на пристапување заснован на заслуги доведе до „ниски нивоа на економски развој, заробени држави, колапс на демократијата, како и зголемена зависност од авторитарни земји од трети страни“.
Урсула фон дер Лајен рече дека Европската комисија ќе ги поддржи земјите кандидати со инвестиции и реформи во новиот мандат. Таа нагласи дека пристапувањето секогаш ќе биде процес заснован на заслуги и дека ќе се погрижи „сите земји да бидат подготвени пред да се приклучат“, исто како и самата ЕУ, која мора да биде подготвена за тоа преку сериозно преструктуирање.
Во студијата на институтот од седум членки на Унијата, се оценува дека „отсуството на јасни перспективи за Западен Балкан и земјите од Источното партнерство, со ограничен пристап до финансиските и техничките средства на ЕУ, се главните причините за нивната економска заостанатост и нискиот БДП“.
Кога станува збор за демократијата, како што беше посочено, „процесот на проширување стана помалку заснован на заслуги и повеќе подложен на политички причини и билатерални спорови со кандидатите за членство“.
„Забавувањето на процесот на проширување ја намали фреквенцијата на награди за напредок, а истовремено ја намали довербата меѓу кандидатите од Западен Балкан и ЕУ“, велат авторите на анализата од седум земји-членки на ЕУ.
„Ова доведе до назадување на демократијата во Западен Балкан, непредвидливост на напредокот во процесот на пристапување, додека скудните награди за реформите ги намалија стимулациите за исполнување на условите на ЕУ на минимум“, се истакнува во студијата.
Се нагласува дека тоа „најмногу се манифестирало на полето на демократијата и владеењето на правото, бидејќи политичките и финансиските реформи би имале најголема цена за политичките елити“.
Креаторите на анализата во заклучокот нагласуваат дека затоа е од суштинско значење „да има целосна јасност околу тоа дали да се оди на полноправно членство или статус на соработник“.
Исто така, дека „кредибилитетот, верувањето во проширувањето како процедура заснована на заслуги, значи дека реформите ќе бидат наградени со напредок или пари од фондови“.
Ново на Сител
-
Меѓународен ден на студентите
-
Тема на денот со Гордана Димитриеска Кочоска, Министер за финансии
-
Цигарите и загадениот воздух рак рана за лицата со ХОББ
-
15-годишник со нож прободел двајца малолетници во два одвоени инциденти
-
Преглед на вестите од светот
-
Заедничка седница на македонската и косовската влада во Приштина
-
Пратеници на ДУИ добиле смртни закани, пријава до МВР нема
-
Вишиот обвинител Хајрулахи останува суспендиран од работното место