Македонија
16. July 2020 - 20:01

Анализа: Што потоа? Сите опции се отворени - жешки преговори за влада

Кој ќе влезе во Илинденска бр. 2? Политичките аналитичари се согласни дека се уште е рано да се прават калкулации за идната владејачка коалиција, се додека не излезат конечните резултати од Државната изборна комисија. Дури и еден пратеник може да влијае на коалициските капацитети на најголемите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Сашо Клековски вели дека според сегашната симулација на распределба на мандатите идната Влада е во рацете на ДУИ, но не ја исклучува можност за широка коалиција. Според него, Македонија сега нема време за чекање како во 2016. година за формирање на Влада и преговорите ќе мора да се забрзаат.

-Ние сме во корона епидемија, економски последици од месец на месец ќе се зголемуваат. Нам ни е неминовно да имаме функционална Влада што поскоро. Наместо СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се обидуваат да прават невозможни коалиции ќе завршат со нестабилни влади. Можеби е добро од старт да се разгледа идејата за формирање голкема или сеопфатна коалиција заради неколку причини. Прво мораме да се справиме со јавно-здравствените ризици од короната, второ мора да се справиме од економските последици и ќе ни треба најдобриот економски тим што Македонија може да го состави и трето, сме пред започнување на преговори со ЕУ, вели Клековски.

Според Алберт Муслиу, во овој момент сите опции се во игра, а не се исклучува ниту можноста Македонија да го добие првиот Албанец премиер.

-По овие бројки јасно е дека мандатот ќе го добие Заев и ќе се фрли во преговори за формирање на ново мнозинство. Мислам дека се уште сме во рамки на шпекулации. Бројките се „тесни“ на сите страни. Било која промена отвора нови хоризонти и нови можности за соработка. Јасно е дека и со сегашните бројки ДУИ и СДСМ имаат мнозинство за формирање на Влада, но јас сепак би причекал да ги добиеме финалните резултати, па дали ќе има прегласување и на крај може да се види кои опции се можни. Опциите при вака блиски бројки се сите можно, вели Муслиу.

Аналитичарите велат дека претстојат жестоки преговори меѓу политичките партии за формирање на идната Влада.