Македонија
10. February 2021 - 19:42

Ангелов очекува успех во разговорите

Амбасадорот на Р Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов е оптимист дека преговорите помеѓу двете земји ќе мрднат од мртва точка. Вели дека, сигналите кои ги дава бугарската Влада се во насока на намалување на емоциите од двете страни и влегување во еден прагматичен дијалог кој ќе го анулира говорот на омразата.

- Треба да продолжиме да работиме во насока за која што говори и специјалниот пратеник на Владата на РСМ, г-дин Бучквски, со мали чекори да ја вратиме довербата, а кога ќе ја вратиме довербата ќе ја најдеме и формулата по која ќе одиме напред, изјави Ангел Ангелов.

Министерката за надворешни, Екатерина Захариева во гостување на бугарската телевизија Нова истакна дека на прашањето на странските дипломати, зошто Бугарија го кочи процесот на отпочнување на преговорите, зашто се работи за чувствителни прашања кои не можат да се решат преку ноќ, одговорале дека тие само бараат да се почитува потпишаното во договорот за добрососедство, но дека и понатаму се отворени за дијалог.

- Работам со колегите во Северна Македонија, правиме план за исполнување на Договорот. Се надевам дека од искажувањата на некои нешта, што наместо да смируваат, повторно се споменуваат, сите треба да се воздржиме. Меѓутоа, од друга страна, ние не можеме да ги „затвориме очите“, што по кој знае кој пат Р. Македонија, откако ќе го доби нашето ДА, на пример со приемот во НАТО, започнува да не го исполнува договореното, изјави Екатерина Захариева.

Захариева не очекува промена на курсот на новата администрација на САД по прашањето на македонско-бугарските односи, бидејќи секое оддалечување на Македонија од ЕУ и САД, тие го сметаат за приближување кон Русија.