Македонија
22. November 2023 - 9:47

Ангелов отстранува опасни коцки бетон од мост во Визбегово: Некој може да биде убиен од овие коцки

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, го посети мостот кај Визбегово Скопско, а ЦУК упати повторно известување и покана до дел од надлежните институции за Kоординативна работна средба во ЦУК за небезбедноста на конкретниот мостот, надвозник, со нагласување дека, со оглед на фактите дека опасноста не е надмината, присуството на претставник од раководниот кадар на повиканите институции е задолжително.

Ангелов, по неговото разгледување на мостот, директно од лице место, упати повик и апел до дел од надлежните институции, за отстранување на опасностите од мостот за граѓаните кои поминуваат по него, а особено за граѓаните коишто со возила поминуваат под него.

„По пријава на неколку граѓани повторно сме на мостот кај Визбегово, Скопско. Би рекол стар и небезбеден мост, преку којшто има голема фреквенција на сообраќај. Но, не е наша работа да испитуваме дали овој мост е безбеден и колку е безбеден, бидејќи информациите коишто ги имаме зборуваат дека истиот ќе биде срушен во следните неколку години. На овој мост се јавува една опасност за граѓаните, којашто се провлекува, би рекол, повеќе од една година. Тоа се овие коцки (камени гранитни коцки од патот). Овие коцки, коишто се расфрлани овде, најверојатно излегуваат од самиот пат. И покрај моето укажување, во повеќе наврати, повторно можам да ги забележам на самата ивица, работ, од мостот. Возилата коишто се движат по овој мост прават силни вибрации. Кога минуваат камиони, мостот буквално вибрира под моите нозе. Оваа коцка е само на 30-40 сантиметри од работ на мостот и може да падне долу на улица. Доколку оваа коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен. Дали треба да чекаме некој да биде убиен, да загине, тешко да биде повреден или „изваден од памет“ доколку коцката падне на совозачкото седиште, па излета со колата и удри во ѕидовите на мостот, бидејќи кога вакво нешто би удрило во „шофершајбната“ на возилото, било кој возач ќе реагира. Но, не е само оваа коцка, еве, овде имаме друга коцка, трета, четврта…“, вели Ангелов.

„Коцките постојано излегуваат од патот. Од страна на градот Скопје или општината Бутел по нашата прва пријава веднаш беа преземени мерки и веднаш беше ставена ограда, којашто во „најмала рака“, ја гарантира безбедноста на пешаците, да не одат по тротоарот, којшто во меѓувреме го снема. Од овие арматури висеа бетонски плочки коишто се извадени, за тоа сме благодарни – сепак нешто е преземено. Но, апелирам, алармирам, градот Скопје, Општина Бутел, нека седнат заедно, нека се договорат – кој е одговорен за овој мост!? Нека не си ја префрлаат надлежноста едни на други. Нека седнат заедно и нека дојдат да го решат овој проблем… Да не си играме со човечките животи и со човечкото здравје, бидејќи овој мост е исклучително фреквентен и ако може да се забележи од самите возила, додека ја давам оваа кратка изјава, поминаа десетици коли, а под моите нозе мостот буквално вибрира многу силно…

Пред извесно време побаравме да дојдат, во ЦУК, претставници на општината Бутел и на градот Скопје, но не дојдоа… Затоа повикувам: – Нека дојдат! Јас, не знам по кој пат, ќе отстранам неколку коцки – но ова не е решение!… Отстранувањето на овие неколку коцки, постојано и постојано доаѓаат нови и нови коцки…“, додаде Ангелов.

Инаку, ЦУК во барањето за Kоординативна работна средба за небезбедноста на мостот кај Визбегово, Скопско, посочи:

„Центарот за управување со кризи, во повеќе наврати во 2022 и 2023 година, врз основа на дојави од граѓани добиени преку Европскиот систем за итни повици Е-112, Ве извести за опасностите од користењето на надвозникот на вкрстувањето на „Стариот качанички пат“ и „Јадранската магистрала“ во Скопје и побара известување за Вашите досегашни и плански активности, за отстранување на камените гранитни коцки на надвозникот што секојдневно ги загрозуваат, пред се, корисниците на поранешната „Јадранската магистрала“ под мостот, подвозник. Со оглед на фактите дека опасноста не е надмината, повторно Ве известуваме и Ве повикуваме на Координативна работна средба во Центарот за управување со кризи во четврток. Темата на работната средба е: Зајакнување на безбедноста на учесниците во сообраќајот кои го користат надвозникот на „Стариот качанички пат“ над „Јадранската магистрала“. Присуството на претставник од раководниот кадар на Вашата институција е задолжително.“