Македонија
8. July 2016 - 13:33

„Анимакс Скопје Фест“ го отвори повикот за анимирани филмови

Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ објавува отворен повик за аплицирање за годинешното шесто издание на фестивалот, што ќе се одржи во ноември 2016 во Скопје, Република Македонија.

Право да се пријават имаат сите филмови изработени во која било техника на анимирање, завршени по 1 јануари 2015 година кои претходно не биле пријавени на Анимакс Скопје Фест. За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории кратки анимирани филмови, долгометражни анимирани филмови (над 45 минути) и анимирани филмови за деца.

Краен рок за праќање на пријавите и видео материјалите е 20 септември 2016 година. 

- Продолжуваме како четиридневен филмски фестивал посветен на анимацијата. Оваа година, шеста по ред за Анимакс, сакаме да ја посветиме на децата како публика и децата како креатори на анимација. Тие се безусловни и верни вљубеници во анимираниот филм. Ќе се обидеме да го прошириме концептот на Анимакс и да се фокусираме на фестивалски настани кои ќе ја обележат целата година, а не само неколку дена во месец ноември, вели м-р Кузман Кузмановски, директор на фестивалот.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија и Градот Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.

Наградите кои ги доделува меѓународната жири комисија на овој фестивал се Златна, Сребрена и Бронзена Тула во секоја натпреварувачка категорија.

На минатото јубилејно петто издание имавме 427 пријавени анимирани филмови од 58 земји од светот.