Балкан
2. April 2018 - 15:58

Анкара нареди апсење на Ѓулен поради убиство на руски дипломат

Турција издаде налог за апсење на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во доброволен егзил во САД и на уште седум лица, под обвинение за убиството на рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов.

Амбасадор Карлов беше убиен на 19 декември 2016 година во Анкара од страна на 22-годишен турски полицаец, кој изјави дека злосторството го извршил како „одмазда за руската вмешаност во сириската војна“. Карлов беше убиен додека се обраќаше на отворањето на една изложба во Анкара. При убиството напаѓачот извикна „Алах акбар“ и „Не заборавајте на Алепо“, мислејќи на руското мешање во внатрешните работи на соседна Сирија.

Турската полиција го ликвидира ѕниецот на местото на настанот.

Тогаш, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека убиството на рускиот амбасадор во Турција било изведено со цел да им наштети на руско-турските односи, но дека тоа нема да се случи.

Веста за наредбата за апсење на Ѓулен, доаѓа еден ден пред посетата на Путин на Истанбул, каде ќе има средба со шефот на турската држава Реџеп Тајип Ердоган и со претседателот на Иран, Хасан Рохани.

Турција, Русија и Иран се гаранти на сириските мировни преговори во Астана, со кои се воспоставени т.н. „зони на деескализација“ во Сирија.