Македонија
22. November 2022 - 16:33

Анкета: Бугарските условувања ја намалија довербата во ЕУ институциите

Евроскептицизмот кај македонските граѓани во подем. Последица – бугарските барања во францускиот предлог, покажува истражувањето на порталот МКД.мк, а спроведено од агенцијата Маркет вижн.

Речиси секој втор испитаник одговорил дека под овие услови, односно со францускиот предлог, Македонија не треба да го продолжи евроинтегративниот пат.

48,4 проценти од анкетираните сметаат дека овој предлог содржи услови кои не треба да се прифатат, иако само половина се изјасниле дека го разбираат, додека 22 проценти рекле дека воопшто не го разбираат францускиот предлог.

Поддршката за евроинтеграцијата од некогашни 90 отсто во анкетите, според ова истражување сега е 58 проценти, а повеќе од една третина се изјасниле дека Македонија треба да го напушти европскиот пат.

Граѓаните сметаат и дека партиите се немоќни во однос на бугарските барања.

Секој четвртти одговорил дека ниту една партија не понудила решение за овој проблем, а дури 40 отсто граѓани велат дека не знаат која партија да ја издвојат со јасен и недвосмислен став во однос на бугарските условувања.

Дека СДСМ има најприфатливо решение одговориле 10,6 отсто од испитаниците, а за 9,1 отсто тоа е ВМРО-ДПМНЕ. 

Со анкетата е опфатено и прашањето за културните клубови кои се отвораат во Македонија и во Бугарија. Граѓните не ги прифаќаат – 66 проценти оценуваат дека овие клубови не придонесуваат за надминување на разликите, додека спротивен став имаат 15 отсто од граѓаните.

Ова е втор дел од пообемната анкета која беше спроведена телефонски на илјада и 200 испитаници, во периодот од 7-ми до 13-ти ноември.