Македонија
1. December 2015 - 17:25

Анкетната комисија за прислушувањето го донесе Деловникот за работа

Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, по еднонеделните консултации меѓу пратеничките групи, на денеска го донесе Деловникот за работа. За Деловникот гласаа 12 членови на Комисијата, еден беше воздржан, а еден не гласаше.

Претседателот на Комисијата Петре Шилегов ги замоли пратеничките групи и пратениците поединци членови до четврток до него да достават Предлог-програма за работа на Комисијата и листа на сведоци кои би биле повикани на сослушување  од страна на Комисијата.

Шилегов во изјава за медиумите рече дека во случај да дојде до еднаков број гласови при одлучување на Комисијата ќе се примени двојно гласање. 

- Гласањето на претседателот е решено со двојно гласање. Во случај да дојде до нерешено или поделено гласање на членовоте на Комисијата се закажува нова сесија на гласање со дополнителни консултации и усогласувања. Се става точката повторно на гласање, доколку не се успее да се постигне согласност резултатите од второто гласање ќе бидат резултати коишто ќе важат, изјави Шилегов.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека никој во Комисијата нема да има право на два гласа сао ќе има право на дополнително усогласување доколку има еднаков број на гласови по одредена одлука.

- И второто гласање доколку има изедначен број гласови повторно се смета дека одлуката не е донесена, изјави Милошоски. 

Седниците на Анкетната комисија ќе бидат пренесувани во живо на Собранискиот канал со исклучок кога ќе за заседава Парламентот или кога како сведоци ќе бидат повикани лица кои би можеле да изнесат класифицирани информации или чуствителни безбедносни информации. 

- Договорено е седниците на Анкетната комисија да бидат директно пренесувани на Собранискиот канал освен во случаите кога има закажани пленарни седници на Собранието на Република Македонија. Тие седници коишто ќе се одржуваат во ист ден на седниците на Парламентот ќе бидат рееметувани на собранискиот канал истиот ден, појасни претседателот на Комисијата Шилегов.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека доколку Комисијата има конструктивен пристап во работата ќе може во предвидениот рок да донесе извештај и заклучоци кои потоа ќе бидат соопштени пред Собранието.

- Ќе гледаме да работиме со што е можно поширок консензус за да можеме да стигнеме со добри препораки за да не се повтори во друг случај кој било да злоупотреби прислушување како метод за нарушување на безбедносен, политички и економски систем на стабилност во државата, изјави Милошоски.  

Крајниот рок за извештајот на Комисијата е до крајот на јануари 2016 година, вели Милошоски, и доколку има конструктивен пристап во работата на Комисијата и се задржиме на утврдување на факти, разговор со релевантни институции и со лица коишто можат да бидат од помош со своите изјави, Комисијата може да стигне до извештај и заклучоци.

- Тоа не значи дека нема да има несогласувања и спротивни  мислења и соочување на аргументи, но во секој случај тоа е дел од демократската дебата во Собранието на Република Македонија, изјави Милошоски. 

На следната седница секоја политичка партија треба да даде предлог- план за работа. Предлог-планот треба да биде заеднички усогласен.

- Како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ веќе има одредени идеи, размислувања, што би требало да биде вклучено во тој план за работа во Комисијата за да можеме да стигнеме до одредени заклучоци и препораки што понатаму би ги споделиле со колегите од Собранието. И ВМРО-ДПМНЕ има своја замисла кои луѓе би требало да бидат повикани за да дадат свои изјави и да придонесат во работата и донесувањето на заклучоците на Комисијата, рече Милошоски.

За Деловникот не гласаше независната пратеничката Роза Топузова Каревска, а воздржан беше пратеникот на ДПА Ернад Фејзулаху. Тој рече дека ќе биде воздржан во однос на одлуките на Комисијата бидејќи има сомнеж дека Комисијата ќе има успех зашто трите партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се инволвирани во аферата со прислушувањето.