Македонија
10. јуни 2024 - 17:18

Антикорупциска ќе бара одговорност од Демири: Незаконски ги разрешил Шокаровски и Петровски

Министерот за здравство, Илир Демири незаконски ги разрешил директорот на кардиохиругија Марјан Шокаровски, како и медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петровски. Антикорупционерите рекоа дека при разрешувањата, министерот прекршил два закона.

Во случајот со Шокаровски, претседателката на Антикорупцика објасни дека Демири не го почитувал Законот за здравствена заштита според кој најпрвин управниот одбор на установата треба да утврди основи за разрешување, а потоа и здравствениот совет да даде предлог за тоа. Тука, ниту одборот увидел основ, ниту советот доставил предлог, па Демири своеволно донел одлука да го тргне од функцијата. Спорно е и тоа што разрешувањето се случи во период кога изборниот процес не беше целосно завршен, со што ги прекшил Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Донесено е решение за разрешување на директорот пред истекот на времето за кое е именуван во период кога се уште не бил завршен изборот за пратеници во Собранието. Дополнително од фактичката состојба за случајот, Државната комисија утврди дека постапката за разрешување на директорот не била спроведена во согласност со законот за здравствена заштита. ДКСК за овој предмет ќе покрене иницијатива за одговорност до надлежните органи“ – Татјана Димитровска, претседател на ДКСК

Истите закони Демири ги прекршил и при разрешувањето на Петровски од Токсикологија. Незаконски се и договорите на дело кои беа потпишани само од организациската директорка, Бесија Иљази. Затоа ќе се бара одговорност и од неа.

Договорите за дело со 11 здравствени работници во Јавната здравствена установа се склучени спротивно на член 109 став 2 од законот за здравствена заштита каде што е наведено дека актите, финансиските документи од заедничка надлежност на директорите на ЈЗУ ги потпишуваат двајца директори. Како и спротивно на став 3 кој вели дека актот или финансискиот документ кој е потпишан само од едниот директор, истиот се смета дека не е потпишан“ – Цвета Ристовска, член на ДКСК

Меѓу вработените беше и болничарот кој се обиде да лажира резултати на урина со наркотици со чиста урина, по што следеа бурни реакции во јавноста.

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева денеска побарала од стручниот и лекарскиот колегиум на Клиниката за токсикологија да дадат предлог за именување медицински директор кој треба да ги исполнува условите согласно законот.

Претставниците на Токсикологија и рекле дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.

Клиниката периодов ја тресат низа скандали. Неа ја предводи само Бесија Иљази, која со пимесно известување им забрани на вработените да комуницираат со медиумите, а на прес конференции не одговара на македонски, туку само на албански јазик.