Македонија
16. December 2022 - 16:35

Авторките на спорниот учебник тврдат дека не го виделе пред печатење - МОН ќе бара каде настанала грешката

Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Монт Еверест е висок 29 километри, а античкиот период завршил 10 века порано.

Вакви кардинални грешки се провлекоа во учебникот по историја и општество за петто одделение, со што се продлабочува кризата со учебниците во основните училишта кои и онака недостасуваат.

Одговорноста за пропустите допрва ќе се утврдува. Станува збор за нов учебник, а авторките се обратија до јавноста.

“Веднаш по печатењето на финалната верзија на учебникот, ги забележавме грешките, кои се настанати во текот на неговата финална подготовка, кои за жал, не се забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминаа сите филтри, кои се законски предвидени… Веднаш по констатираните грешки, писмено се обративме до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење”, пишуваат авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска.

А каде настанал пропустот ќе истражува и Министерството. Од образование ќе побараат од Националната комисија за учебници да започне процес за утврдување на причините при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество.

“Во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти”, реагираат од МОН.

Ова не се единствени грешки кои досега успеаја да ги поминат филтрите и да се најдат во учебниците. Во изминативе години стана редовна пракса да се ловат пропустите во наставниот материјал, а лани беше донесен нов Закон за учебници, со кој МОН ветуваше нивен подобар квалитет.