Азески: Струјата ќе не „дрма“ во наредниот период
Покрај последиците од пандемијата, снабдувањето со електрична енергија во наредните години ќе биде прашање со кое ќе се занимаваме 24/7, предвудува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Азески укажува дека цената на електричната енергија на берзата за енергија во Будимпешта (HUDEX) за последните 12 месеци порасна, од 57 евра за мегават час на 1.01.2021 година, до 138 евра за мегават час на 27.09.2021 година. Според сите релевантни информации, причина за ова се: зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи. Оттука, нагласува, почнува и проблемот со кој веројатно ќе се занимаваме подолг период.
Според него, искуствата од пандемијата не учат дека во вакви кризи секој се свртува кон себе, а меѓународната солидарност е второстепена.
-Деновиве сум пренатрупан со писма од компаниите членки на Комората на кои им се откажуваат договорите за снабдување, уредно потпишани, навреме договорени, кои го рушат основниот принцип на нашата работа, а тоа е предвидливоста. Енормниот пораст на цените на суровините во изминатиот период, но и порастот на влезните елементи кои ја креираат производната цена на електричната енергија се иницијалната каписла за моменталните берзански цени кои достигнуваат до 185 евра за мегават час, вели Азески.
Минатата недела, потсети, и Регулаторната комисија за енергетика даде изјава дека забележува незаконско откажување на договорите за снабдување на своите клиенти, додека другите го злоупотребуваат системот за балансирање на енергија на МЕПСО, така што не ја номинираат (купуваат) потребната количина електрична енергија за своите клиенти. Ова може да доведе до дестабилизација на електро-енергетскиот систем во земјата. Затоа, Регулаторната комисија почна да ги одзема лиценците на снабдувачите и ги предупреди сите останати да ги исполнат своите обврски кон клиентите, при тоа не злоупотребувајќи го системот за снабдување на МЕПСО.
-Нашите внатрешни информации велат дека нема проблеми со снабдувањето со гас, бидејќи договорите важат до 1.1.2022 година што гарантира стабилност до почетокот на следната година. Инаку, цената на гасот кај нас во моментов, е 4 пати помала, од цената на гасот во Европа постигната во последните три дена на Холандската берза, дополнува претседателот на Комората.
Тој изнесува и конкретни мерки кои би ја превенирале ситуацијата.
-Прво, подигањето на домашното производство на електрична енергија е сигурно базичната мерка која може да изврши најголема превенција. Второ, Регулаторната комисија за енергетика мора да биде на висина на задачата и енергично да дејствува за да се престане со манипулативното откажување на договорите со конкретни мерки, кои ќе вклучуваат јавно објавување и одземање на лиценците, не само на компаниите, туку и на сопствениците на истите, со трајна забрана на вршење на ваква дејност. Трето, бидејќи се наоѓаме во период кога компаниите ја проектираат својата позиција за наредната година, што побрзо мора да се излезе со јасна прогноза како ќе се одвиваат работите понатаму, како би можело тоа да биде вградено и во проекциите на самите компании. Четврто, и на обичните луѓе совршено им е јасно дека цената на енергенсите директно влијае врз цената на производот и услугата, а со неконтролираниот порастот на цените на производите и услугите, лесно може да настанат проблеми и на макроекономски план, наведува Азески.
Претседателот на Комората потенцира дека оваа иницијатива никако не смее да се сфати како некакво драматизирање на состојбите, туку како транспарентност, неопходно потребна за вакви појави кои не зависат од нас, туку од случувања, кои се надвор од нашите можности.
Ново на Сител
-
Британски суд осуди албански државјанин, кој извршил грабеж и во вилата на фудбалската ѕвезда, Рахим Стерлинг
-
Бомбата за Раде Штекли најавена на „тикток“ | ВИДЕО
-
Во петок дожд и снег на планините, за викендот стабилно и студено време
-
На посиромашните земји им требаат трилион долари годишно до 2030 година поради климатските промени
-
Пронајден кокаин, марихуана и две дигитални ваги кај 26 годишна девојка во Аеродром
-
Отишле на лов па го застрелал од пушка за која немал дозвола, уапсен 54 годишник во Штип
-
Андоновски: Корупцијата не смее да ја загрози дигиталната безбедност
-
По четири дена изгаснат е пожарот на планината Беласица