Македонија
20. April 2017 - 13:17

Балетски уметници од МОБ на „Средба на балетски уметници од поранешна Југославија“

Балетски уметници од Македонската опера и балет денеска и утре во Љубљана ќе учествуваат на „Средба на балетски уметници од поранешна Југославија“.

Како што соопшти МОБ, денеска е предвидена конференција на балетските раководители на ансамблите од Љубљана, Белград, Загреб, Сплит, Сараево, Марибор и Скопје, на која излагање ќе има и уметничкиот раководител на балетот на МОБ, Олга Панго.

Во програмскиот дел утре ќе настапат првенците на балетот на МОБ, Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили, кои ќе изведат дует од балетот „Клеопатра“, во кореографија на Василиј Медведев од Русија и па де де од балетот „Самсон и Далила“, во кореографија на Роналд Савковиќ. Предвидени се и настапи на балетски уметници од балетските ансамбли од центрите на поранешна Југославија поканети на манифестацијата.

Програмскиот дел ќе се одржи на сцената на Словенското народно гледалишче-Опера и балет во Љубљана.