Македонија
24. јуни 2021 - 18:13

Балкански форум на јавните обвинители во Софија: Притисокот врз независноста на јавните обвинителства е недозволен

Во Софија денеска се одржа Вториот работен форум на главните јавни обвинители на балканските држави на тема „Улогата на јавното обвинителство за воспоставување на владеење на правото“, на кој учествуваше и јавниот обвинител на Република Македонија  Љубомир Јовески.

– Притисокот врз независноста на јавните обвинители е недозволен, особено оној кој доаѓа од политичарите, се согласиле учесниците на форумот во дискусијата, наведуваат во соопштението од Јавно обвинителство на Република Македонија.

Според државните обвинители од регионот, се подвлекува во соопштението, ефикасното јавно обвинителство во една држава е најголема гаранција за владеење на правото, за доверба во институциите и за просперитетна економија.

Акцент во разговорите бил ставен врз позитивните ефекти од соработката меѓу јавните обвинителства од балканските земји, демонстрирана во последните години, што има големо значење за ефикасноста на националните судски системи.

Форумот во Софија го отвори главниот обвинител на Република Бугарија Иван Гешев, кој изразил уверување дека споделувањето на најдобрите пракси од работата на одделните национални јавни обвинителства ќе биде од корист при справувањето со предизвиците за постигнување на повисоки резултати во борбата со криминалот и особено со прекуграничниот криминал. На јавните обвинители од регионот, преку видео-конференциска врска им се обратил и претседателот на EUROJUST Ладислав Хамран.

Покрај Јовески, на форумот учествува и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Во соопштението се наведува дека учесниците во дискусијата одлучиле домаќин на Третиот работен форум на главните јавни обвинители на балканските држави да биде Република Романија.​