Свет
21. October 2016 - 13:08

Барак Обама: Изборната реторика на Доналд Трамп е опасна

Американскиот претседател Барак Обама ја осуди изборната реторика на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, нарекувајќи ја „опасна за демократијата“.

Изјавата на Обама претставува реакција на тврдењето на Трамп дека нема да ги прифати изборните резултати, доколку тој не победи.

На предизборен митинг на демократскиот претседтелски кандидат Хилари Клинтон во Флорида, Обама рече дека ваквите пораки од Трамп претставуваат поткопување на американаката демократија.

Во една телевизиска дебата, Трамп одби да се изјасни дали ќе ги прифати резултатите од изборите на 8 ноември, доколку победи Хилари Клинтон.

Подоцна тој рече дека ќе прифати само „јасна“ уверлива победа, но ја остави можноста да поднесе тужба, доколку биде незадоволен од изборните резултати и смета дека биле „сомнителни“.

Многумина угледни републикански политичари го осудија ваквото определување на нивниот претседателски кандидат.

Трамп неколкупати досега се жалеше дека изборната кампања е „насочена против него“. посебно забележувајќи им на медиумите дека „навиваат за Клинтон“.

На последната телевизиска дебата во Лас Вегас, тој ја нарече својата политичка противничка „опасна жена“.

Поранешниот републикански претседателски кандидат Џон Мекејн, кој загуби од Барак Обама на изборите пред осум години, остро ги критикувше изјавите на Трамп, обвинувајќи го дека однапред бара алиби за резултатот на изборите.

Во досегашната историја на изборите во САД, ова е првпат еден претседателски кандидат, јавно да соопшти дека нема да прифати изборни резултати, ако тој не победи.