Македонија
13. February 2021 - 14:07

Барањата на УНЕСКО се неприфатливи, стружани имаат право да градат и легализираат, вели Рамиз Мерко

За струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко строго дефинираните правила на УНЕСКО со кои се забранува градење, но и рушење на сѐ што е бесправно изградено во заштитените зони е неприфатливо.

-Општината ќе трпи огромни финансиски штети, а граѓаните не ќе можат да си го остварат своето право според постоечкиот Закон за легализација, вели Мерко, пренесува СДК.МК.

Според Мерко, Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион го спречува функционирањето на општина Струга според веќе донесените ДУП-ови.

-Во овој дел опфатен е и Законот за легализација кој е на сила, а времето за истите поминува во март така што во време на пандемија и мораториум кој траеше една година бараме Владата да го продолжи рокот на легализација на објектите барем за овие општини. Бараме и дополнително време за применување на Планот, бидејќи не е адекватен за да постапиме по барањата на граѓаните. Од друга страна се прави штета на буџетот на општината и ако нема можност за градење, тогаш ќе почнат да се прават диви градби и не знам кој ќе одговара и кој ќе плати за тоа, вели Мерко.