Свет
19. July 2016 - 8:47

Бегалец од Авганистан вооружен со секира нападнал патници во германски регионален воз

Најмалку 15 луѓе се повредени во нападот што се случил вчера вечер во возот што сообраќа на линијата Вурцберг - Хајдингсфелд на југот на Германија.

Според локалните медиуми напаѓачот вооружен со секира и нож во возот кој во моментот на нападот се наоѓал во близина на градот Вурцбург успеал да им нанесе тешки телесно повреди на дел од патниците, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Портпаролот на полицијата во Вурцбург Фабиен Хенш за локалните медиуми изјавил дека неколку од патниците се префрлени на интензивна нега и се во тешка состојба.

Според министерот за внатрешни работи на покраината Баварија Јоаким Херман напаѓачот кој е идентификуван како 17 годишен бегалец со потекло од Авганистан, бил убиен од страна на полицијата додека се обидувал да избега.

Кои биле мотивите за инцидентот треба да биде откриено во текот на истрагата која ја започна јавното обвинителство на Баварија.