Свет
14. April 2020 - 12:39

Белгија ќе стави на располагање серолошки тестови за Ковид-19 во наредните недели

Кризниот штаб за коронавирусот на белгиските здравствени власти соопшти дека во овој момент се работи на анализа на разните серолошки тестови кои постојат и планот е во наредните недели да се стават на располагање во што поголем број, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Серолошките тестови ги детектираат антителата во организмот по инфекција со коронавирус Ковид-19 и здравствените власти сметаат дека овој вид на тестови носи “многу важни информации“ кои би требало да помогнат во укинувањето на мерките на изолација.

Меѓутоа, истакнуваат од Кризниот штаб, за сега постојат повеќе видови тестови и сѐ уште не е донесена одлука кој е најефикасен.

-Планирано е да се стави на располагање ваков вид на тестови откако ќе бидат одобрени разните техники, треба да ги видиме резултатите на тестовите за да видиме кои се најсоодветни и во наредните денови ќе се стави на располагање таков тест, одредени лице ќе имаат приоритет. Треба да биде јасно дека нема да можеме да тестираме единаесет милиони луѓе преку ноќ, изјави Емануел Андре од Кризниот штаб за коронавирусот.

Состојбата во Белгија постепено се подобрува, бројот на хоспитализирани и на починати бавно се намалува, но ситуацијата не е доволно стабилна за да може да се укинат мерките на изолација, сметаат експертите.

До крајот на оваа недела, Советот за безбедност на Белгија треба да донесе одлука дали ќе се продолжат мерките до 3 мај, што најверојатно ќе биде случај.

-Ситуацијата во Белгија покажува бавно намалување, но тоа, се чини, се потврдува, па очекуваме да продолжи ако и ние продолжиме да ја ограничуваме заразата. Тоа е многу важно за да се избегне враќање на вирусот, изјави Андре.

Властите ги повикаа граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките, а експертите предупредуваат дека за време на велигденските празници се констатирани прекршувања на правилата, што би можело да се рефлектира за десет до четиринаесет дена во здравствените статистики.